На Клиниката за дигестивна хирургија пуштена во употреба современа медицинска апаратура во вредност од милион евра

Универзитетската клиника за дигестивна хирургија денес ја посетија министерот за здравство, д-р Арбен Таравари и заменик-министерот за здравство, Јовица Андовски по повод пуштањето во употреба на нова медицинска и немедицинска опрема во хируршките сали, како и на Одделот за полуинтензивна нега на оваа клиника. На настанот присуствуваше и претседателот на Владата, проф. д-р Христијан Мицкоски.

„Осовременување на хируршките сали со најсовремени апарати и опрема е поводот за денешната посета во оваа хируршка клиника. Набавена е медицинска и немедицинска опрема во вредност од еден милион евра, обезбедени од Министерството за здравство“, истакна Таравари при посетата на Клиниката.

Станува збор за повеќе современи апарати, како што се: лапараскопски хируршки столб, електрохируршка единица со аргон-плазма, апарат за трансфузија, пациент-монитори, плазма-стерилизатори и друга опрема.

Со новата медицинска опрема првпат во државата денес се изведе лапароскопска интервенција со употреба на флуоресцентен контраст.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *